Европската комисија денеска почна постапка без преседан против Унгарија, која може да доведе до повлекување на финансирањето на Будимпешта поради кршење на демократските стандарди.

Еврокомесарот за буџет Јоханес Хан доби зелено светло да испрати „писмено известување“ до унгарската Влада со кое се активира механизмот за владеење на правото, изјави потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Схинас.

На почетокот на април, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен пред Европскиот парламент изјави дека Европската комисија ќе испрати писмо со формално известување за да започне механизмот за ограничување, потсетува Бгнес.

Новиот процес стапи во сила во јануари 2021 година и е одделен од процедурите на Унијата за кршење на правилата на ЕУ.

Според овој механизам, националните влади може да бидат лишени од финансирање од ЕУ доколку не успеат да ги усогласат своите практики со правото на ЕУ.