По договорот постигнат во ЕУ, земјите од Г7 и Австралија исто така воведуваат лимит од 60 долари по барел за руската нафта која се транспортира по морски пат. Тоа значи дека покрај 27 членки на ЕУ, ограничување воведуваат уште пет држави: САД, Канада, Велика Британија, Јапонија и Австралија.

Се очекува ограничувањето на цената да стапи во сила од понеделник „или многу брзо потоа“, се наведува во заедничкото соопштение. Плафонирањето на цената има за цел намалување на руските приходи од нафта и истовремено спречување раст на глобалните цени на нафта откако на 5 декември ќе стапи во сила ембаргото на ЕУ на руска нафта.

Ограничување на цената како дополнување на ембаргото на нафта

Претходно, по долги преговори,  ЕУ реши цената на руската нафта, која се продава на трети земји, да ја ограничи на 60 долари по барел. ЕУ со тоа сака да ја натера Русија да ја продава нафтата во иднина под пазарна цена. Цената од околу 57 евра за 159 литри така би била до 9 евра под последната пазарна цена за руската сурова нафта од типот Урал.

За да може да се реагира на развојот на пазарот, плановите предвидуваат преиспитување на горната граница на секои два месеци – секогаш таа би требало да биде најмалку пет проценти под просечната цена која ја утврдува Меѓународната агенција за енергија (ИАЕ).

Ограничувањето на цената има за цел да го надополни  нафтеното ембарго против Русија,  што ЕУ го договори во јуни. Со него меѓу другото се предвидува забрана за купување, увоз или натамошен транспорт на сурова нафта и одредени нафтени деривати од Русија во ЕУ. Ограничувањата важат од 5 декември за сурова нафта, а од 5 февруари 2023 година за останатите нафтени деривати. Меѓутоа, постојат исклучоци, на пример за Унгарија.

Заради спроведување на оваа одлука, би требало да се регулира сите идни важни услуги за извоз на руска нафта да можат да бидат вршени неказниво само ако цената на извезената нафта не ја преминува горната граница. Западните бродски компании би можеле да продолжат со свои бродови да транспортираат руска нафта во трети земји, како што е Индија. Уредбата исто така би се применувала и на други важни услуги како осигурувања, техничка помош, финансиски услуги и посредување.

Полска, Украина и Балтичките држави бараа двојно пониска цена

Претседателката на  Европската комисија  Урсула фон дер Лајен изјави дека ограничувањето на цената значително ќе ги намали приходите на Русија. Освен тоа, ќе помогне за стабилизирање на глобалната цена на енергијата,  од што ќе имаат корист земјите во развој во цел свет./dw.com/