Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен (29) доживеа срцев удар на отворањето на Европското првенство против Финска.

Играчот од средниот ред на Интер се сруши на теренот во текот на првото полувреме, а со брзата реакција на медицинската служба неговиот живот беше спасен на теренот.

Ериксен има вграден дефибрилатор кој ќе ја регулира работата на неговото срце во иднина, но тој нема да може да игра фудбал во Италија со овој уред.

Не сите што имаат ваков уред можат да спортуваат професионално во Италија, но во некои други земји тоа е дозволено.

Извршниот директор на Интер, Бепе Марота, зборуваше за Ериксен.

“Морам да му покажам голема почит, прво како човек, а потоа и како фудбалер. Се надевам дека целосно ќе се опорави”, рече Марота и додаде:

“После тоа, ќе ги разгледаме сите аспекти. Во моментов, ништо друго не е важно освен неговото здравје”, изјави директорот на Интер.

Италијанските медиуми тврдат дека Ериксен ќе пристигне во Милано кон средината на месецот за да ги поздрави своите соиграчи, и дека ќе биде подложен на бројни тестови.

Тој се надева дека дефибрилаторот може да се отстрани и дека може да продолжи со кариера без никакви проблеми. Дали тоа ќе се случи, ќе се знае по голем број тестови што ќе ги помине.

Ериксен стана член на Интер во 2020 година и постигна осум гола на 60 натпревари за „нероазурите“.

Претходно во кариерата играше за Тотенхем и Ајакс.