Американскиот технолошки гигант „Епл“ оствари раст на вкупните приходи во кварталот јануари-март 2021 година од 54 проценти во споредба со истиот период минатата година, и значително поголема добивка отколку што очекуваа трговците на Волстрит.

Акциите на Епл се зголемија за повеќе од четири отсто во продолженото тргување во еден момент по објавувањето на деловниот извештај, објави Си Ен Би Си.

Двоцифрен пораст на продажбата бележат сите категории производи на „Епл“, со неговиот најважен производ, смартфонот „Ајфон“, кој забележа скок на приходите од продажба за 65,5 проценти во споредба со претходната година.

Продажбата на компјутери се зголеми за 70,1 процент додека на Ајпад – за речиси 79 проценти на годишно ниво.

Компанијата соопшти дека ќе ја зголеми дивидендата за седум проценти, на 0,22 долари по акција и одобри купување на сопствени акции во вредност од 90 милијарди долари, далеку над минатогодишните 50 милијарди и 75 милијарди во 2019 година.

Вкупните приходи во првите три месеци од оваа година достигнаа 89,58 милијарди долари, што е за 53,7 проценти повеќе од минатата година, додека актерите на пазарот предвидоа дека тие ќе изнесуваат 77,36 милијарди.

Приходите од продажба на Ајфон изнесуваа 47,94 милијарди долари, продажбите на Mек-компјутери – 9,10 милијарди долари, а приходите на Ајпад беа 7,80 милијарди долари.

Продажбата на други услуги изнесуваше 16,90 милијарди долари, додека продажбата на други производи беше 7,83 милијарди долари.