Земјите од Западен Балкан имаат европерспектива, но ние мора да сме поприсутни на терен поради влијанието од трети страни, истакна европратеникот Дејвид Мекалистер, откако Европарламентот го усвои Извештајот за надворешната политика на Унијата. Во однос на нашиот регион, во Извештајот се поздравува отпочнувањето преговори за членство со Скопје и Тирана, доделениот кандидатски статус за БиХ, но и безвизниот режим за Косово. Сепак, се наведува и дека постои силно руско влијание на Балканот.

„Ние Европската унија и западниот свет мора да бидеме активни на Балканот, во сите шест земји и да се бориме со дестабилизирачката негативна пропаганда од трети земји која шири лажни вести, особено Руската федерација. Секогаш ќе продолжам да велам дека ако ние се повлечеме политички и економски од Балканот, трети земји веднаш ќе можат да не заменат како актери“, рече Мекалистер.

За земјите од Западен Балкан, Извештајот не беше поволен за Србија. Беа прифатени амандманите со кои се препорачува Европскиот совет да ги паузира преговорите за членство, се додека Белград не ги активира европските санкции кон Русија.

„Генерално, Европскиот парламент беше јасен, со големо мнозинство, дека очекуваме земјите кои пристапуваат кон Унијата, целосно да се усогласат, чекор по чекор, со заедничката надворешно-одбранбена политика. Ова подразбира и вклучување во сите пакети на санкции, а очигледно Србија е на различно мислење од Европската унија“, додава Мекалистер.

Европарламентарниците побараа санкции и за претседателот на Република Српска, Милорад Додик, истакнувајќи дека тој е дестабилизирачки фактор во Босна и Херцеговина.

Во усвоените амандмани на Извештајот, не беше поштеден ниту еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. За него беше побарана истрага поради сомнеж дека намерно се обидува да ја заобиколи важноста на демократските реформи и реформите на владеењето на правото на земјите што влегуваат во ЕУ, без да се наведе кои. Претходно за него, весникот Политико пишуваше дека Вархеји ја фаворизирал Србија во преговорите за членство.

Лука Андреев