Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Њујорк имаше билатерална средба со министерот за надворешни работи на Република Азербејџан, Џејхун Бајрамов. Тема на разговор на состанокот беше енергетската криза и можностите за соработка во делот на обезбедување енергенси и можноста за приклучување на гасоводната мрежа.
Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот беше истакнато дека воените дејствија на Русија врз Украина се една од причините за енергетската криза во светот и дека ваквата состојба повеќе се чувствува во Европа, за што има сериозно зголемување на цената на природниот гас.
-Во разговорите беше истакнато дека Азербејџан придонесува во надминувањето на енергетската криза, преку развивање на постоечките гасоводи. На состанокот беше дискутирано и дека ЕУ се насочува кон сигурни снабдувачи на енергија, а Азербејџан е еден од нив, преку проширување на Јужниот гасен коридор со удвојување на испораките на гас од Азербејџан во ЕУ, информира владината прес-служба.
Премиерот Ковачевски истакна дека со интерконекторот за гасно поврзување со Грција, Северна Македонија ќе се поврзе со трансјадранскиот гасовод и на тој начин гасот од Азербејџан ќе стигне и на нашиот пазар.
-За Владата на Република Северна Македонија, изградбата на национален гасоводен систем и неговото поврзување со регионалните гасоводни системи е приоритет. Средбата во Њујорк меѓу премиерот Ковачевски и министерот за надворешни работи на  Република Азербејџан, Бајрамов, беше искористена за продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји во различни сфери, се наведува во соопштението.