Гостинка во „Слободен печат“/„Женски печат“ со свој став ни е Елена Антоновска, регресотерапевт и професионален тренер, која пишува на тема што е силеџија и како да го препознаеме.

Во македонскиот јазик силеџија е опишан како некој што прави насилија, што е многу општа дефиниција. Во мојата глава, силеџија е некој кој ти го загорчува животот на разни начини, без да има видлива причина за тоа и секако без дозвола. Полага сметка за твојот живот, за твојата личност, и се меша во него без размислување на последиците. Нема  свест за другите, за човечност, колектив и единство, често себичен, агресивен, сака да си го истера своето. Како повредено, мало дете, кое исто така било третирано, со забрана да постои како индивидуа. Ваквото однесување не е воопшто ад хок, туку е вообичаено, на ниво на навика и е насоченo кон оние кои на некој начин се послаби, помали, ранливи.

Во животот, честопати сум се сретнувала со такви и во овој момент, од оваа перцепција на нештата, гледам дека кај нив насилството е всушност единствениот начин да го добијат она што им недостига. Како преку омаловажување, малтретирање, закани и повреда да ја добиваат енергијата што им е потребна и успеваат на тој начин да предизвикаат чувство на задоволство кај себе. Како кај некоја зависност, која знаете дека е деструктивна за вас и за другите, но не можете или не сакате да ја напуштите. Многу болно.

Тука не мислам на болно како патологија, иако и тоа „држи вода“, туку многу внатрешна болка и страдање мора да има во овие ликови за да ја компензираат со туѓа болка и страдање.

Веројатно ова однесување им дава чувство на супериорност, моќ и контрола како спротивност на нивниот живот, каде што ги немаат. Да не заборавиме дека насилното однесување може да има секаков облик и не се сведува на физичко насилство и злоставување. Можеме да ги сретнеме насекаде, а понекогаш дури и не знаеме дека постојат, туку го чувствуваме во позадина нивното присуство, слушајќи муабети за себе или гледајќи некоја наша слика таму каде што не припаѓа.

Нашата наивност и недостатокот на храброст да им се спротивставиме ги одржува во живот. Па да размислиме од која позиција ние се однесуваме и да се обидеме да внесеме свесност во нашиот живот за да можеме да ги избегнеме.