Силна експлозија на кампинг возило (трајлер) паркирано во центарот на Нешвил, во сојузната американска држава Тенеси, предизвика оштетување на неколку околни згради и издадена е наредба за евакуација на граѓаните, соопштија локалните власти, објави њујоршкиот весник „Њузвик“.

Некои медиуми објавија на Твитер дека по експлозијата дошло до уривање на една од зградите. Меѓу другото, пишуваат и дека пожарникарите се повлекуваат од местото на несреќата и се трага по евентуални жртви. Веројатно повеќето луѓе се здобиле само со полесни повреди, наведуваат локалните медиуми.

Подоцна е соопштено дека била спроведена евакуација на граѓаните кои живеат во два блока од местото на експлозијата, а пожарникарите ги советувале луѓето да не се приближуваат до комбиња и камиони на улиците поради можни нови експлозии.

Засега не е позната причината за експлозијата на паркингот во Нешвил. (МИА)