Експертите за геологија и инженерство предупредуваа на слабо спроведување долго пред разорниот земјотрес оваа недела, кој срамни со земја илјадници згради и уби повеќе од 21.000 луѓе во Турција и Сирија.
„Ова е катастрофа предизвикана од лоша градба, а не од земјотрес“, изјави за Асошиејтед пред (АП), Дејвид Александар, професор по планирање вонредни состојби на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
„Општо е познато дека многу згради во областите погодени од последниот земјотрес се изградени со неквалитетни материјали и методи и честопати не ги исполнувале владините стандарди“, рече Ејуп Мухчу, претседател на Комората на архитекти на Турција.
Тој посочи дека ова вклучува многу стари згради, но и станови изградени во последниве години – речиси две децении откако земјата ги усогласи своите градежни кодови со современите стандарди.
„Градежниот фонд во таа област беше слаб и нестабилен и покрај реалноста на земјотресот“, рече Мухчу.
Проблемот е главно игнориран, велат експертите, бидејќи неговото решавање би било скапо, непопуларно и ќе го попречи градежниот сектор како двигател на економскиот раст на земјата.
Серијата земјотреси кои урнаа или оштетија најмалку 12.000 згради беа исклучително моќни – нивната моќ беше зголемена со фактот што се случија на плитки длабочини. Бројот на жртви во Турција се искачи над 18.000 и исто толку повредени. Потрагата по преживеани продолжува со домашни и многу странски тимови.