Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси го поздрави договорот за прекин на огнот и ослободување на заложници што неговата земја го помогна заедно со посредство на Катар и Соединетите држави.

Тој ја истакна потребата да се забрза непречената испорака на хуманитарна помош во Газа „додека не се постигне одржлив мир преку решението за две држави и регионот да ужива стабилност, безбедност и развој во свет кој е доволно голем за секого“, пренесе „Си-ен-ен“.

Договорот кој е во три фази ќе стартува в недела, на 19 јануари, соопшти претходно катарскиот премиер.

Првата фаза од договорот ќе вклучува ослободување на 33 израелски затвореници, вклучувајќи жени, деца, постари лица и цивили кои се ранети или болни. За возврат, Израел ќе ослободи одреден број затвореници кои се чуваат во израелските затвори.

Фазата ќе вклучува враќање на раселените лица во нивните домови и ќе овозможи патување на ранетите и болните лица за да добијат медицинска помош.

Првата фаза ќе обезбеди и зголемен пристап до хуманитарна и друга помош до сите делови на Појасот Газа, како и реконструкција на болници, здравствени центри и пекари. Исто така, ќе се овозможи влез на гориво, опрема за цивилна заштита и основни потреби за раселените лица кои ги загубија своите домови за време на војната.

Претседателот на САД, Џо Бајден, пак, соопшти дека преговорите ќе одат подалеку од привремениот прекин на огнот до втората фаза од договорот што може да вклучи траен крај на војната.

„Во текот на следните шест недели, Израел ќе преговара за втората фаза, што е траен крај на војната. Дозволете ми да повторам: крај на војната“, рече Бајден.

„Постојат голем број детали за преговарање, за преминување од првата фаза во втората фаза. Но според планот ако преговорите траат подолго од шест недели, прекинот на огнот ќе продолжи се додека траат преговорите“, додаде тој.

Бајден, исто така, потврди дека Американците ќе бидат дел од ослободувањето на заложници во првата фаза.

Во потенцијалната трета фаза од договорот, телата на убиените заложници ќе бидат вратени на нивните семејства и ќе започне голем план за реконструкција на Газа, рече Бајден.

Текстот Египетскиот претседател го поздрави прекинот на огнот и договорот за заложниците е превземен од МАКФАКС.