Кракатау некогаш бил остров со вулканско потекло, лоциран во Индонезија.
Токму овој остров бил уништен од ерупцијата на вулканот во 1883 година. Оваа ерупција се смета за една од најразорните и најпознатите ерупции на сите времиња. Од целиот архипелаг во областа, денес останал само островот Ракату.
Кракатау е многу активен вулкан и околу него постојано се случуваат сеизмички активности. Своите најразорни експлозии ги имал на 26 и 27 август 1883 година. Тие два дена се сметаат за најсилните вулкански ерупции некогаш забележани.
Фаталната ерупција на Каракатау
Кракатау бил мирен околу 200 години, но ненадејно се активирал на 20 мај 1883 година. Облакот од пепел, кој се искачил на височина од повеќе од 9 километри, прв го забележал капетанот на германски брод кој во тој момент се наоѓал во близина на вулканот. Подоцна, други извештаи од бродовите ја пренесле истата вест. Облакот чад се кревал сè повисоко и повисоко.
Веќе во 7 часот и 30 минути на 27 август започнале силни експлозии. За четири и пол часа Кракатау произвел четири силни експлозии кои се слушнале во Шри Ланка, во Перт, кој е оддалечен 3.900 километри и во Маурициус, кој е оддалечен 4.780 километри од вулканот.
Последната експлозија се случила околу 10 часот и била повеќе од 10.000 пати помоќна од силата на атомската бомба фрлена врз Хирошима.
За време на ерупцијата, од кратерот на вулканот биле исфрлени 25 кубни километри камен.
Во ерупцијата загинале најмалку 36.147 луѓе, додека уште десет илјади биле тешко повредени.
Во воздухот летнале околу 19 кубни километри вулкански материјал. Облакот од прашина се издигнал 80 километри, а потоа со години кружел околу Земјата и влијаел на намалувањето на летните температури низ светот.
Впрочем, самата ерупција не била толку смртоносна како огромните цунами, повисоки од 40 метри, предизвикани кога вулканот се урнал во водата. Од водената стихија биле уништени 163 села долж бреговите на Јава и Суматра.
По ерупцијата, целиот островот исчезнал.
Нов остров
Индо-австралиската плоча сè уште се движи по неколку сантиметри секоја година. На местото на некогашниот Кракатау израсна нов вулкан. Кога Кракатау еруптирал, се срушил под површината на морето и создал подводна калдера или голем вулкански кратер широк 6,4 километри.
Во 1927 година, облак од чад се издигна од водата над калдерата, најавувајќи го формирањето на нов остров. До 1928 година се појавил островот Анак Кракатау. Во текот на педесет години, пепелта постепено се акумулира и денес новиот остров е висок 181 метар. Расте за околу 13 сантиметри неделно, а нов период на постојани ерупции започна во 1994 година и трае до денес.