Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија денеска ќе ја одбележат 21-годишнината од загинувањето на армиските припадници кај месноста Карпалак.

– Делегација предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и државниот секретар во Mинистерството за одбрана Драган Николиќ, во 09:00 часот ќе положи цвеќе пред спомен-плочата кај месноста Карпалак. Во 13:00 часот, заедничка делегација од Министерството за одбрана и Армијата ќе положи венец пред комплексот „Карпалак“ во центарот на Прилеп, информираа од МО и АРМ.

На 8 август 2001 година на автопатот Скопје – Тетово во близина на селото Групчин кај месноста Карпалак од заседа беше нападнат конвој на Армијата, при што загинаа десет армиски припадници: Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, сите од Прилеп и Прилепско.

Во Прилеп се одбележува 21 година од Карпалак

Во прилепската касарна „Мирче Ацев“ синоќа почна одбележувањето на 21-годишнината од загинувањето на 10 припадници на АРМ. На 8 август кај месноста Карпалак 2001 година армискиот конвој беше нападнат од заседа и загинаа 10 прилепски резервисти.

Утрово делегации од Прилеп ќе се упатат на месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово, а ќе ги посетат и вечните почивалишта на загинатите бранители на прилепските градски гробишта и во населените места. Во 10 часот ќе се одржи панихида во црквата „Света Петка“ во прилепската населба Точила.

Централното одбележување е во 13 часот пред споменикот „Карпалак“ во центарот на градот.

Пред споменикот на загинатите бранители во кругот на касарната „Мирче Ацев“, синоќа семејствата на загинатите, претставници на Гарнизонот, од локалната самоуправа и граѓани положија свежи цвеќиња и ја посетија спомен собата во касарната.

Го посетија и спомникот на загинатите во селото Лениште кај Прилеп, а вечерна богослужба се одржа во манастирот „Света Петка“ во селото.

На 8 август 2001 година кај месноста Карпалак загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.