Вооружен маж доцна синоќа пукаше на израелски воен контролен пункт во источен Ерусалим, при што тешко рани најмалку двајца Израелци, соопштија израелските власти. Како што е наведено, се трага по напаѓачот, а ранети се една девојка која служи воен рок, која е во критична состојба и еден чувар. Уште еден Израелец е полесно ранет.

Нападот се случи во време на зголемено насилство меѓу Израелците и Палестинците, само неколку часа по убиството на двајца палестински тинејџери во напад на израелската војска на окупираниот Западен Брег и еден ден пред почетокот на еврејскиот празник Сукот. Оваа година е најсмртоносната на окупираната територија од 2015 година. Нападот синоќа се случи на контролен пункт во близина на бегалскиот камп Шуфат, а во потера по напаѓачот се вклучени специјални сили и хеликоптер.

Израел го освои Источен Ерусалим во Шестдневната војна во 1967 година и ја анектира таа област, која не беше призната од меѓународната заедница. Израелските лидери го сметаат целиот Ерусалим, вклучувајќи го и источниот дел каде што се најважните свети места, за свој главен град, а Палестинците сакаат источен Ерусалим да биде главен град на нивната идна држава. „Тероризмот нема да не победи“, изјави синоќа израелскиот премиер Јаир Лапид.

Прикажи повеќе