Семејствата на 16-темина починати патници, како и на оние кои ја преживеаја тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци во февруари 2019, а останаа инвалиди, речиси три години чекаат правдата да ја донесе Основниот кривичен суд Скопје, пишува СДК.

Според порталот, до крајот на годината, нема ни теоретска шанса да заврши ова предолго судење за кое има куриозитет дека сложената истрага и вештачењата обвинителот ги заврши за околу три месеци.

Во овој предмет е интересно што е обвинет сопственикот на автобускиот превозник „Дурмо турс“ чиј што автобус поради техничка неисправност се преврте на автопатот Скопје-Тетово на 13 февруари 2019 година, а не и „Дурмо турс“ како правно лице. Затоа, уште следниот ден по несреќата, автобусите на „Дурмо турс“ парадираа низ државата и си возат и до денеска, како ништо да не се случило.

Ова е така, зашто во Кривичниот законик, во делот за Сообраќајни деликти, не постои одговорност за правни лица. Како што не одговара компанијата „Дурмо турс“, нема да може да одговара ни „Беса транс“, ако евентуално се откријат неправилности во водењето на транспортната компанија, бидејќи нема кривична одговорност за фирми за деликти во сообраќајот.

Роднините на загинатите и на повредените се огорчени и отворено кажуваат дека се сомневаат во пристрасност на судот кон дел од обвинетите, особено на тие што се блиски како што велат, до владејачката ДУИ.

Во овој долг процес обвинет е и возачот на автобусот Мануел Трифуновски, раководителот на возниот парк на „Дурмо турс“ Ремзи Мифтари и тројца вработени во станицата за технички преглед во Гостивар (Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски), како соучесници во фалсификувањето на податоците за техничката исправност на автобусот што се преврте, пишува СДК.

Целата вест на порталот СДК.