Поранешниот американски претседател Доналд Трамп има негативно мислење за Меган Маркл.

Таа не е добра! Го реков тоа и порано, а сега сите гледаат дека сум во право, рекол Доналд Трамп за Меган Маркл откако таа и принцот Хари ја отворија душата пред Опра Винфри и телевизиската публика ширум светот.

Но, поранешниот претседател на САД не мисли дека Меган е само лоша. Според него, таа е исто така многу моќна личност, која е во состојба да уништи нечија кариера со само еден потег. Така барем рекол поранешниот висок советник на Трамп, Џејсон Милер, за време на настапот на поткастот на Стив Банон:

– Кога разговарав со претседателот утрово, тој ми рече: „Сега се покажа каква е Меган. Но, ако кажете нешто негативно за неа, таа ќе ве уништи. Погледнете го Пирс“ – ја пренесува изјавата на Милер „Дејли мејл“ и потсетува дека британскиот водител Пирс Морган даде отказ од емисијата „Добро утро, Британија“, бидејќи го нападнаа поради негативните изјави за Меган.

Трамп, исто како и Пирс, не е фасциниран од сопругата на принцот Хари. Пред половина година, откако Меган и Хари зборуваа за важноста на гласањето на претседателските избори во САД, како и за борбата против говорот на омраза на социјалните мрежи и навестија дека ќе го дадат својот глас за Џо Бајден, Трамп ја „подбра“ Меган:

Јас не сум обожавател на Меган. На Хари му посакувам многу среќа во бракот бидејќи дефинитивно ќе му треба – рече Трамп на прес-конференција во Белата куќа кон крајот на септември.