Кинотека на Северна Македонија оваа година ја збогати ризницата на ДВД изданија посветени на великаните на домашниот филм со едно невообичаено, но квалитетно издание насловено: „Македонски кратки играни филмови“. Изданието содржи триесетина кратки филмови, снимени во период од изминатите шеесетина години, поделени на четири ДВД дискови, подредени хронолошки. Се работи за селекција на исклучителни остварувања, кои сведочат за творечките пориви на режисери и режисерки од неколку генерации.

Зачувувањето и архивирањето на филмовите од домашната филмска ризница е добродетелен потфат, затоа што не претставува само презервирање на снимените филмски дела, кои стануваат достапни на јавноста. Тоа е и создавање на хроника на времето во кое се работени филмовите. Одржување на релацијата не само со нивните тогашни гледачи, туку и воспоставување корелација со идните гледачи на кои им се обзнанува дека имало квалитетни филмски изданија, снимени во оваа држава.

По тој повод, Кинотека на Северна Македонија приреди ново издание во серијата на ДВД-изданија посветени на домашните филмски великани како: Браќа Манаки, Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Бранко Гапо, Милчо Манчевски и Кирил Ценевски, со атипично издание, насловено: „Македонски кратки играни филмови“.

Изданието не е посветено на еден автор, туку на 28 филмски автори, кои припаѓаат на неколку генерации режисери и режисерки. Застапени се триесетина кратки филмови, распределени на четири дискови, во опсег од повоениот период на државата, до денес.

Краткиот филм е лична карта на режисерите, која некои од нив ја користат како отскочна даска пред режирањето на долгите дела, но за некого тие претставуваат реализирање на идеи кои само во рамките на краткиот филм може да бидат комплетирани, а не само вежби или скици.

Гаспар Ное, Јоргос Лантимос и Педро Алмодовар оваа година снимија интригантни кратки филмови, без разлика на мноштвото долги изданија кои ги имаат зад себе. Има бројни ДВД-изданија кои ги содржат кратките филмови на Кишловски, Линч и Полански, така што потребно беше и едно домашно издание, кое ќе ги опфати краткометражните трудови на нашите автори.

Повоените филмови се во продукција на „Вардар филм“, но подоцна се појавуваат неколку засебни продукции и драстично се зголемува бројот на создадени кратки проекти, чијшто процес на дистрибуирање е поедноставен, благодарение на дигитализацијата. Тоа значи дека Владимир Ангелов и неговите соработници имале тешка задача да го изберат најзначајното и највпечатливото од домашната ризница, за да ја комплетираат селекцијата, која содржи дигитализирани филмови, префрлени од филмска лента.

Изданието започнува со одличниот жанровски филм „Бунт на куклите“ на Димитрие Османли, потоа „Сонце зад решетки“ на Славко Јаневски, „Човекот во црно“ на Бранко Ставрев, „Станар“ и „Четврток“ на Милчо Манчевски, добитникот на Златна палма на Канскиот фестивал „Со кренати раце“ на Митко Панов, како и наградениот филм на „Санденс“ – „Види ја ти Неа“ на Горан Столевски. Покрај нив се наоѓаат и бројни кратки филмови на: Вардан Тозија, Марија Апчевска, Ѓорче Ставрески, Игор Алексов, Елеонора Венинова, Ана Јакимска, Игор Иванов Изи, Георги Унковски, односно филмови кои содржат елементи од развојната фаза на стилскиот израз на авторите.

Штета е што изданието не ги содржи: „Бубачки“, „Вета“, „Опасна баба“, „Еклер“, „Еден“, „Амби“, „Влакна“, „Аларм“, „409“, „Ул Шекспирова 9/1“, „Долу од рајот“, „Aудиција“, „Последните камбани“, „Црно и бело“, „Скопје 2020“. Но, разбирливо е, кога се прави селекција некаде мора да се пресече, иако верувам дека овие филмови ќе завршат во некое наредно издание. Во некоја идна пригода се надеваме дека ќе може да посведочиме и на избор на кратки документарни или кратки анимирани филмови.

Во секој случај, оваа збирка од 31 краток филм ја препорачуваме на сите љубители на домашниот игран филм.