Доктор Мирослав Гроздановски, невролог во поликлиниката Букурешт, во редакцијата на „Слободен печат“ се пожали дека откако минатата недела ја фотографирал спорната табла каде што одделението за „дерматовенерологија“ беше погрешно испишано, а потоа закачено во оваа здравствена установа, добил решение за прераспределба во друга поликлиника. Според него, самото тоа што ја фотографирал таблата, претставувало основ поради кој директорот на здравствен дом Скопје, доктор Виктор Исијановски го префрлил во друга институција.
Директорот Исијановски, пак, за „Слободен печат“ комплетно ги негира овие наводи и тврди дека во другата поликлиника имало потреба од професионалец како неговиот колега, па затоа ја извршил прераспределбата.
Имаме колешка помлада од мене 25 години, а јас сум на четири години до пензија. По правилата на нештата, обично секогаш се праќаат помлади колеги во друга клиника. Му кажав на директорот дека во Букурешт направив врвен европски кабинет и еве гледате, од суета нечија, што се случува. И тоа јас не ја објавив фотографијата туку професорот Никола Пановски. Одлуката за прераспределбата моја, дојде отпосле откако ја фотографирав. Попладнето ја заменија таблата, а утредента околу 13 часот кога дојдов на работа курир ми достави решение за прераспределба од петти дека сум распределен во Бит Пазар, изјави за „Слободен печат“ доктор Гроздановски.
Доктор Исијановски вели дека има право како медицински директор да одлучи кој колега ќе биде прераспределен и дека тоа не зависи од возраста туку од специјалноста и најостро негира дека ситуацијата е тенденциозна.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.