Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, денеска отворено го прекрши Кривичниот законик на БиХ, изјавувајќи дека немало геноцид врз Бошњаците во Сребреница во 1995 година, додавајќи дека тој постојано ќе инсистира на тврдењето, дури и ако тоа значи дека ќе мора да оди во затвор.

-Апсолутно попрво би сакал да отидам во затвор отколку да признаам нешто што не се случило, а тоа е наводниот геноцид во Сребреница. Таа приказна за наводниот геноцид стана актуелна во 2002 година, седум години по настанот. Одеднаш, се околу него се актуализира и „сега се е познато“. Вистината е една и единствена – дека немало геноцид, рече Додик за белградскиот весник „Српски телеграф “.

Кон крајот на јули, поранешниот висок претставник за БиХ, Валентин Инцко, воведе измени во Кривичниот законик на БиХ, со кои се санкционираат луѓето кои јавно ги негираат воените злосторства докажани на суд, вклучувајќи го и геноцидот во Сребреница.

Понатаму е прецизирано дека прекршителите на оваа законска одредба, кои се службени лица или одговорни лица или вработени во владини тела или било кое тело финансирано од буџетот, ќе бидат казнети со најмалку три години затвор.

Веднаш откако Инцко ги наметна измените во кривичниот закон, Обвинителството на БиХ потврди дека тие започнале да ги собираат потребните информации, а досега се започнати истраги за најмалку дваесет случаи, но нема потврда за кого се однесуваат истрагите.

Инаку, истиот Милорад Додик пред неколку години, пред да стане претседател на Република Српска изјавуваше дека во Сребреница се случил геноцид и ги обвинуваше Милошевиќ, Шешељ и Караџиќ за тоа.