За да обезбеди доволна количина на природен гас, до крајот на август ќе биде ставен во функција нов пловен резервоар за течен природен гас на терминалот на Ревитуса во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Малиот ненаселен остров Ревитуса во Сарноскиот залив во близина на Атина, денеска го посетија министерот за животна средија и енергија на Грција Костас Скрекас, неговиот заменик Јоргос Амирас, генералната секретарка во Министерството Александра Сдуку, како и главната извршна директорка на Грчкиот национален оператор за пренос на гас (ДЕСФА) Марија Рита Гали.

Скрекас рече дека новиот пловен резервоар, речиси двојно ќе го зголеми капацитетот за складирање за 145.000 кубни метри.

-Во тесна соработка со ДЕСФА, навремено ги извршивме сите неопходни дејствија за новиот резервоар да биде готов до крајот на август. Систематски се подготвуваме да обезбедиме енергетска доволност за земјата, надградувајќи ги клучните енергетски инфраструктури. Воедно, продолжуваме со реализација на проекти кои ќе ја зајакнат енергетската конкурентност на нашата земја. Во комбинација со новите терминали во Коринт и Александруполи земјата ќе стане клучна порта за природен гас за цела Југоисточна Европа и тројно го зголемуваме капацитетот за складирање на течен природен гас, истакна Скрекас.

Извршната директорка на ДЕСФА посочи дека со додавањето на нова пловна единица за складирање се зголемува вкупниот капацитет на Ревитуса на 360.000 метри кубни, што придонесува за обезбедување на алтернативни извори на снабдување.