За повеќе земји со висок број на инфекции од коронавирусот, меѓу кои и Северна Македонија, од неделата важат построги правила за влез во Германија, пренесува Дојче Веле.

Сојузната влада го прошири списокот на земји кои важат за подрачја со висок ризик, а новина е дека сега се класифицираат и земји каде инциденцата на неделно ниво е над 200 на 100.000 жители. За сите патници кои доаѓаат или се враќаат во Германија важи и правилото за обврзувачка регистрација на интернет на страницата www.einreiseanmeldung.de – пред влез во земјата.

– Advertisement –

Според Институтот Роберт Кох (РКИ), во категоријата земји со висока инциденца (повеќе од 200) од неделата се следните европски земји: Северна Македонија, БиХ, Србија, Косово, Словенија, Албанија, Шпанија, Португалија, Естонија, Летонија, Литванија, Андора и Чешка. Во категоријата на региони во кои се појавиле многу заразни мутации на коронавирусот засега спаѓаат: Велика Британија, Ирска, Северна Ирска, Јужна Африка и Бразил.

За патниците од овие земји од обете категории важи правилото дека влез во Германија е дозволен само со негативен тест кој не смее да биде постар од 48 часа. Патниците од ризични подрачја, земји или региони со инциденца над 50 на 100.000 жители, во кои спаѓа и Хрватска, мора да се тестираат на коронавирусот најдоцна 48 часа по влезот во Германија.

Извор: DW