Украинците многу добро знаат што значи руска чизма и руска пропаганда, бидејќи под неа живееле и во времето на Советскиот сојуз, а и потоа.Се разбира и во сите тие 23 години колко што Путин е на власт во Руската федерација. Ова во емисијата „Интервју на Шења“ го изјави првиот човек на невладината организација „Цивил“ Џабир Дерала. Вчера заменик министерот за надворешни работи на Украина, Јевген Перебијнис му го врачи на Дерала Орденот за заслуги од украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Пропагандата убива исто како што убиваат бомбите, односно не знаете, кое попрво убива. Тоа е едната работа, втората работа е дека Путин не ја почна својата пропаганда во 2022 г, исто како што не ја почна војната во 2022 г. туку ја почна во 2014 г. со анексијата на Крим. Со воената агресија на Крим, видете во Одеса имаше повеќе од 100 мртви, во борбите во кои руските сили не беа со ознаки на Руската федерација, но сите знаеме дека тоа се руски сили. Се обидоа да ја заземат Одеса, па не им успеа, имаше 100 жртви украинскиот народ само таму“, изјави Дерала.

Тој е дециден дека Путин ја започнал својата пропаганда многу порано. Дерала потсети на т.нар. Партнерство за мир од 1994 г. во рамките на НАТО, додавајќи дека Русија влегла во тоа партнерство со нецелосно искрени намери.

„Кога дојде Путин на власт и кога ја презеде улогата на човекот кој ја застапува Руската федерација во Партнерството за мир во 2000 г., ние уште тогаш требаше да видиме, или Западот требаше да види, дека тој е таму за да го искористи времето, за да планира свои империјалистички чекори. Тоа се виде во 2008 г. кога на самитот на НАТО во Букурешт, тоа што го кажа, а веднаш после некој месец ја нападна и Грузија. Претходно имаше разно-разни воени авантури и интервенции. Се разбира и на друг начин, Путин се обидуваше да влијае врз безбедноста на Европа и воопшто во Кавказкиот регион или Евроазија ако сакате“, изјави Дерала додавајки дека Путин го почнал продорот во Африка и сега континтентот во голем дел е под контролата на руските центри на моќ.

Дерала го спомна и влијанието на Путин во Сирија и неговото мешање во најновиот крвав конфликт, кој изби на Блискиот исток меѓу Израел и Палестина.