„Го убив вашето семејство“, ова се последните зборови на убиецот во Црна Гора, кој вчера со ловечки карабин уби 11 лица. Сè започнало поради доцнење на киријата, па 34-годишниот Вук Бориловиќ, околу 15.30 часот најпрвин влегол во станот на своите потстанари и убил 11-годишно дете. По него го убил и три години помладиот брат и пукал во нивната мајка. По злосторството му се јавил на таткото Милош Мартиновиќ и му рекол: „Го убив вашето семејство“.
Advertisements
„Со употреба на огнено оружје – ловечка пушка, им ги одзел животите на две деца, едното осум, а другото на 11 години, а ја ранил нивната мајка, која од повредите починала во болница. Потоа излегол и со истото огнено оружје ги застрелал жителите на оваа населба, при што убил уште седум лица, а ранил уште лица“, изјави Зоран Брѓанин, директор на црногорската полиција.
„Случајно бев на местото на настанот, видов што видов. Не можам ниту да зборувам за тоа. Ќе имам трауми после ова. Никој не може да ги врати овие луѓе во живот. Тие деца. Неверојатно е, мислам дека сè уште не можеме да разбереме што се случи. Можам само да ги замислам страдањата на семејствата, на целиот град“, рече Младен Задрима, очевидец.
Владата на Црна Гора прогласи тридневна жалост во целата земја. Премиерот Абазовиќ заедно со министерот за здравство и министерот за внатрешни работи ги посетија повредените.
„Сите сме шокирани, ги молиме мислите на граѓаните на Црна Гора да бидат со семејствата на загинатите, со повредените жртви, кои за среќа се надвор од животна опасност“, изјави Дритан Абазовиќ, премиер на Црна Гора.
Крвавиот пир на убиецот го спречил пријател на еден од убиените кој самиот со огнено оружје смртно го застрелал. Но, тој се наоѓа во бегство и полицијата преговара да се предаде, додека јавноста бара уште отсега да биде помилуван од евентуална одговорност дека го убил и запрел понатамошното дивеење на напаѓачот, кој инаку страдал од психички пореметувања.