Апсењата, зголеменото полициско присуство на улиците и оклопните возила не ги спречија демонстрантите во Мјанмар повторно да излезат на улица. Илјадници работници се собраа во Мандалај, вториот по големина град во земјата, држејќи плакати на кои пишуваше „Ослободете ги нашите лидери“. Во најнаселениот град во земјата, Јангон, беше забележано помало присуство на демонстранти, најмногу поради ограничувањата на Интернет и военото присуство.
Армијата на Мјанмар ги предупреди демонстрантите низ целата земја дека може да се соочат со затворска казна од 20 години доколку им пречат на вооружените сили. Во текот на изминатите 10 дена стотици илјади луѓе учествуваа на протести, барајќи враќање на цивилната влада и ослободување на затворените лидери во земјата. Пучот толку ги налути жителите на Мјанмар што предизвика најголеми народни протести повеќе од една деценија.
– Advertisement –