Делта-сојот е многу позаразен, поверојатно е да ја пробие заштитата што ја даваат вакцините и може да предизвика потешка болест од сите други познати соеви на вирусот, според документот. Центарот смета дека делта-сојот на коронавирусот е пренослив како и овчите сипаници, пренесува Њујорк тајмс повикувајќи се на извештајот.

Новото истражување покажало дека вакцинираните лица заразени со делта-сојот носат исто толку големи количества од вирусот во носот и во грлото како и невакцинираните и може да го шират исто толку лесно, иако поретко, рече директорката на ЦДЦ Рошел Валенски и објасни дека овој сој е попренослив од вирусите МЕРС, САРС, еболата, обичната настинка, сезонскиот грип и вариола верата, и е исто толку заразен како и мошне заразната варичела, односно овчите сипаници, според копија од документот, до која дошол Њујорк тајмс.

Следниот чекор на агенцијата е „да признае дека војната е променета“, се вели во документот.

Инфекцијата со делта-сојот произведува количества на вирусот во дишните патишта што се десеткратно повисоки од она што се гледа кај луѓето заразени со алфа-сојот, кој исто така е мошне заразен, се вели во документот.

Според една неодамнешна студија, количеството на вирусот кај лице заразено со делта е илјада пати поголемо од она што е забележано кај луѓе заразени со оригиналната верзија на вирусот.

Заразата со делта-сојот може да доведе до тешка болест, се вели во документот. Студиите од Канада и Шкотска открија дека луѓето заразени со оваа варијанта се со поголема веројатност да бидат хоспитализирани, додека истражувањата во Сингапур покажаа дека ним почесто им треба кислород.

Сепак, бројките на ЦДЦ покажуваат дека вакцините се многу ефикасни во спречувањето сериозна болест, хоспитализација и смрт кај вакцинираните луѓе, велат експертите.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.