Се одиграа уште три натпревари вечерва на Светското првенство во Египет, во најинтересниот дуел од групата „Б“, Шпанија со 27:26 славеше против Полска.

Константно во позитива беа Шпанците, иако нивните ривали во еден краток период од вториот дел минимално го контролираа резултатот (20:19, 21:20), но на крајот се радуваше „црвената фурија“.

Во победничките редови шест голови запиша Д. Душебаев, по пет Ентрериос и Фернандез, а на спротивната страна Сичко шестпати се запиша во листата на стрелците.

Во истата група претходно Тунис ремизираше со Бразил (32:32), па така моментно на едно коло до крајот, Шпанците имаат три бодови, пред Полјаците и Бразилците со по два, а последни се Тунижаните кои имаат еден.

Данска немаше проблеми против Д.Р. Конго (39:19), а и Унгарците имаа лесна задача против Уругвај (44:18). Унгарија и Германија имаат максимални две победи во групата „А“, додека за втор круг и трета позиција ќе играат Зеленортски острови и Уругвај.

Имаме иста ситуација и во групата „Д“ во која водат Данците и Аргентинците со по четири бодови, а во последната трета рунда во директна пресметка за следната фаза ќе играат Бахрен и Д.Р. Конго.