„Гугл“ тајно собира милијарди информации дневно, за корисниците на Интернет, дури и кога тие ќе преминат на опцијата „инкогнито“.

Таа е вистината за опцијата „инкогнито“ на познатиот пребарувач – тоа всушност не значи приватно прелистување, како што многумина мислеа.

Од компанијата, во обид да се одбранат од тужбата со која се соочуваат во САД, повторија дека опцијата „инкогнито“ не значи „невидлив“ и дека активноста на корисникот за време на таа сесија може да биде видлива за веб-страниците што ги посетува и какви било услуги за анлитика или рекламни услуги што ги користат истите веб-страници.

pixabay

Во јуни 2020 година, тројца корисници на „Гугл“ тврдеа дека се следи и се собира историја на прелистување на корисниците и други податоци за веб-активност, без оглед на тоа кои мерки ги преземаат корисниците со цел да си ја заштитат приватноста на нивните податоци.

„Гугл“ се обидуваше да го отфрли случајот, но минатиот петок, судијата Луси Кох во САД во своето решение пресуди дека компанијата „не ги известил корисниците дека „Гугл“ учествува во наводното собирање на податоци додека корисникот ја користи „инкогнито“ опцијата“.

Од „Гугл“ велат дека опцијата „Инкогнито“ им дава на корисниците избор да прелистуваат на Интернет без активноста да биде зачувана на нивниот прелистувач или нивните уреди.

Како што јасно кажуваме секој пат кога ќе отворите нов таб за „Инкогнито“, веб-страиците можат да соберат информации за вашата активност на прелистување за време на вашата сесија“, велат тие.

Целта на опцијата „Инкогнито“ е да му даде „привремена амнезија“ на прелистувачот и секогаш кога се користи опцијата, прелистувачот да не ги зачувува податоците на страниците што ги посетува корисникот: без адреси, без колачиња, без ниту еден од внесените податоци.

Но, веб-страниците што ги посетувате можеби ќе можат да ја видат вашата IP-адреса, давателите на услуги на Интернет сè уште можат да ја видат вашата активност, а системските администратори на вашето работно место сè уште ќе може да дознаат што сте правеле кога требало да работите.

Иако „Инкогнито“ може да понуди одредена приватност, тој не обезбедува тотална анонимност. Дополнително, не обезбедува веб-заштита од хакери или надзор од владата, пишува „Tech Wire“.