Русија соопшти дека повлекла дел од трупите кои учествувале во воените вежби на границата со Украина и ги вратила во касарните, во потег кој се толкува како прв чекор кон можна деескалација на кризата во регионот.

Руското Министерство за одбрана во вторникот соопшти дека иако воените вежби на границата продолжуваат, дел од војниците во јужното и западното крило го завршиле своето учество и почнале да се враќаат во касарните.

Ваквиот развој е спротивен на предупредувањата од САД и Велика Британија кои очекуваат Русија да ја нападне Украина во секој момент.

Британската министерка за надворешни работи Лис Трус вели дека сака да види целосно повлекување на руските трупи од границата за да поверува дека Москва не планира инвазија.

Видео снимки на руското министерство за одбрана покажуваат тенкови и други оклопни возила кои се товарат на специјални железнички вагони.

Украинските власти денеска соопштија дека заедничките напори со западните сојузници спречиле руска инвазија.

„Ние и нашите сојузници успеавме да ја спречиме Русија од понатамошна ескалација. Веќе е средина на февруари и гледате дека дипломатијата функционира“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел порача дека ЕУ е подготвена да разговара за руските безбедносни грижи.