Драматичната завршница на натпреварот Оклахома-Портланд и исклучувањето на Лука Дончиќ и тренерот на Далас Џејсон Кид, ја обележа изминатата ноќ во НБА лигата. Оклахома, во крајно неизвесен натпревар, го победи Портланд со 123:121. Шеј Гилџес-Александер го реши победникот на 0,9 секунди до крајот на натпреварот. Младиот бек натпреварот го заврши со 35 поени.

Advertisements

Александер му ја уништи рекордната ноќ на Демијан Лилард, кој стана најдобриот стрелец во историјата на Портланд. На вечната листа, Лилард го прескокна легендарниот Клајд Дрекслер. Лилард против Оклахома постигна 28 поени.

Лука Дончиќ заработи исклучување, а Далас беше поразен од Минесота со 116:106. Словенечкиот ас кон средината на третиот период приговараше на судијата и мораше да го напушти теренот поради друга техничка. Заедно со Дончиќ судиите го исклучија и тренерот Џејсон Кид.

Генерално, ова беше еден од неговите најлоши натпревари во сезоната. Имаше 19 поени (шут од 5/17), шест скока и седум асистенции. На другата страна блескаше Едвардс со 27 поени, 13 скока и девет асистенции, а за Минесота не играа ниту Таунс, ниту Руди Гобер.

Бобан Марјановиќ доби четири минути за Хјустон во поразот на домашен терен од Сан Антонио со 104:125. Во тој период беше меѓу стрелците со два поени, а имаше и еден скок.

Останати резултати: Кливленд – Јута 122:99, Филаделфија – Торонто 104:101, Њу Орлеанс – Милвоки 119:128, Феникс – Лос Анџелес Лејкерс 130:104, Сакраменто – Шарлот 119:125, Атланта – Орландо 126:125. /Makfax.mk/