Црногорската Влада планира со измена на програмата за економско државјанство да му овозможи на висококвалификуваниот кадар, посебно во областите на науката и технологијата, да стекне црногорско државјанство, изјави министерот за економски развој Јаков Милатовиќ.

Тригодишната програма за добивање црногорско државјанство преку вложување во инвестиции, која ја започна владата на поранешниот премиер Душко Марковиќ, започна на 1 јануари 2019 година и би можеле да се доделат околу 2.000 пасоши.

Црногорски пасош може да се добие со вложување во некои од проектите од областа на туризмот, преработувачката индустрија и земјоделство, но досега немало заинтересирани кандидати да вложат во преработувачката индустрија и земјоделство, туку единствено во туризмот.

Претходната власт на листата на развојни проекти од областа на туризмот, за кои може да се добие „златен пасош“, досега ставила вкупно 15 проекти. Инвеститорите можат да бидат и домашни фирми, под одредени услови и за минимално вложување во северниот, централниот и јужниот дел на Црна Гора, како и во Подгорица.

– Премиерот Здравко Кривокапиќ ја изрази намерата на оваа Влада да ја измени програмата за економско државјанство во Програма за државјанство за висококвалификуван кадар. Во тој контекст ќе направиме анализа на постоечката програма за економско државјанство и ќе работиме на модифицирање на постоечкиот модел, со цел на соодветен начин да се валоризираат нашите ресурси и да се создадат претпоставки за одржлив развој, нагласи Милатовиќ.