Одложувањето на дербито Манчестер Јунајтед – Ливерпул поради немирите на навивачите го одбележа фудбалскиот викенд на Островот.

Немирите започнаа неколку часа пред натпреварот на „Олд Трафорд“. Едната група упадна на култниот стадион, додека друга група протестираше пред хотелот каде играчите на Јунајтед го чекаа натпреварот.

Некои медиуми од Англија објавија дека четворица играчи на Јунајтед сакале да излезат пред лута толпа и отворено да зборуваат за проблемот, но управата на клубот ги спречила во тоа.

Хари Мегваер, Бруно Фернандес, Немања Матиќ и Скот Мектоминај се обидоа да ги убедат официјалните лица да добијат дозвола и да разговараат со навивачите, но тие не добија зелено светло.

Протестите се резултат на незадоволство од начинот на кој семејството Глејзер го води клубот, особено по одлуката за учество во Суперлигата, која последователно беше повлечена. Вчера ескалираше се.

Легендарниот Рој Кин, кој ја носеше капитенската лента на „црвените ѓаволи“ повеќе од десет години, смета дека вчерашниот инцидент е само почеток и дека најтешкиот дел допрва претстои.

„Доста им е на навивачите на Јунајтед. Тие го прават ова затоа што го сакаат клубот. Не станува збор само за последните неколку недели и Суперлигата, но ова незадоволство се зголемува со години“.

„Менаџментот на клубот не беше доволно добар. Тие сметаат дека сè е за заработка. Верувам дека навивачите на Јунајтед го прават ова затоа што го сакаат клубот. Понекогаш мора да биде така, за да го видат луѓето од целиот свет. Се надевам дека сопствениците видоа дека навивачите се „смртно“ сериозни“.

„Ова е само почеток на навивачите на Јунајтед. Јас ви гарантирам“, рече Кин.

По сериозните протести на навивачите, клубовите и управата на Премиершип одлучија да го одложат натпреварот. Новиот датум ќе биде одреден подоцна.