Грузиските ТВ канали Мтавари Архи, ТВ Пирвели, Формула и Кавказија денеска престанаа да емитуваат програма 24 часа, барајќи оставка од премиерот на земјата Иракли Гарибашвили.
Протестот е во врска со смртта на снимателот на ТВ Пирвели, Александар Лашкарава, кој на 5 јули беше претепан од противници на ЛГБТ движењето, се наведува во соопштението на Мтавари Архи.
– Оставка на Иракли Гарибашвили! Сите насилници да бидат казнети! Во знак на протест, четири телевизиски куќи – „Мтавари Архи“, „Формула“, „Кавказија“ и „ТВ Пирвели“, прекинуваат со емитување програми 24 часа, пишува во соопштението.
Од утрото на екраните на овие компании на црна позадина се испишани имињата на 53 новинари, сниматели и фоторепортери кои беа повредени при нападот од противници на ЛГБТ движењето.
Лашкарава, кој беше отпуштен од болница на 8 јули по инцидентот, беше пронајден мртов во неговиот дом утрото на 11 јули. Смртта на снимателот предизвика широк одек во грузиското општество. Опозициската партија „Обединето национално движење“ објави бојкот на Парламентот се додека Владата не поднесе оставка.
Од неделата се одржуваат протести пред Парламентот со барање за оставка на Владата. Демонстрантите сметаат дека премиерот Иракли Гарибашвили е одговорен за насилството, бидејќи со неговите изјави за несоодветниот марш на ЛГБТ активистите во Тбилиси, тој ги провоцираше радикалните приврзаници на традиционалните вредности.
На 5 јули, кога требаше да се одржи „Тбилиси Прајд“, бранителите на традиционалните вредности се собраа пред зградата на Парламентот со цел да се спротивстават на маршот на ЛГБТ заедницата. Најагресивните од нив почнаа да напаѓаат новинари, обвинувајќи ги за поддршка на претставници на сексуални малцинства. Повеќе од 50 медиумски работници беа повредени. Полицијата приведе 20 лица поради насилство врз новинари.
Според полицијата, смртта на снимателот на грузискиот ТВ канал „ТВ Пирвели“ Александар Лашкарава можеби е предизвикана од предозирање со наркотици. Според заклучокот на хемиското вештачење, примероците земени од телото на Лашкарава содржеле наркотични материи: морфиум, кодеин, тетрахидроканабинол, габапентин…