Министерката за образование и наука, Мила Царовска вели дека новите реформи во образованието нема негативно да се одразат врз никој, туку напротив, децата би стекнале повеќе знаења, а ниту еден наставник нема да остане без работа.
– Модел на оценување ќе биде презентиран на јавната презентација и тука исто така има јасна насока за тоа како ќе се формираат оцените и како ќе се вршат тестирањата. Овие модели се веќе проверени во многу земји и успешно функционираат, оттаму нема потреба од грижа за тоа дали ќе може соодветно да се оценува или тестира- вели Царовска за „Локално“.
Што се однесува до наставниците, Царовска е децидна дека секој ќе го здржи своето работно место.
-Никој, ама буквално никој нема да остане без работа, напротив за нив се отвораат нови можности за напредок во кариерата, личен развој и повисоки приходи. Прво, наставникот ќе добие поголема автономија во осмислување и реализација на часовите, нешто што самите го бараат. Второ, наставниците бараат многу поголема поддршка од системот и со реформата ќе им ја обезбедиме, а тоа е пред се современи наставни средства и методи како и платформи и ресурси за размена на искуства. Трето, со реформата обезбедуваме подобар кариерен и професионален развој по јасно поставен мерит систем, поголеми приходи и можност за напредок. Ова е една од моите клучни заложби кои ќе ја подигнат мотивацијата на наставниците и квалитетот на наставата. Оттаму колку што реформата ќе биде придобивка за учениците, толку истата е придобивка и за наставниците и образовните работници- вели Царовска.