Капитенот на Барселона и шпанската репрезентација, Серхио Бускетс од следната сезона ќе игра за Интер Мајами. Непосредно пред почетокот на натпреварот против Германија, шпанските медиуми ексклузивно пренесоа дека Бускетс смета дека е вистинскиот момент да се пензионира и од репрезентацијата и од Барселона.
Тој веќе му најавил на Луис Енрике дека турнирот во Катар ќе биде негово збогување во дресот на Шпанија, како и дека оваа сезона ќе биде негова последна на „Камп Ноу“.
Бускетс дебитираше за првиот тим на Барселона и Шпанија во истата 2008 година и оттогаш е клучен играч за двата тима.
Договорот на капитенот со Барса истекува на 30 јуни, иако Чави го убедува да остане уште една сезона, Бускетс смета дека е вистинско време да замине во Мајами и повеќе да се посвети на семејството и да игра во МЛС – лигата.
На пат преку Атлантикот најверојатно ќе тргне и Лионел Меси. Тој има понуда од ПСЖ за продолжување на договорот, но и понуда од Барселона да се врати на „Камп Ноу“. Сепак, најверојатно и тој ќе реши да замине во Интер Мајами.