Бугарскиот министер за е-влада, Божидар Божанов, денеска го потпиша Заедничкиот повик на министрите на ЕУ одговорни за дигитални и електронски комуникации, со кој се повикуваат земјите-членки да преземат итна акција за кибер безбедноста во Европа, во контекст на актуелната геополитичка ситуација.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, критичната инфраструктура, вклучувајќи ги телекомуникациските мрежи и дигиталните услуги, е од огромно значење за многу стратешки функции во нашите општества и затоа може да биде главна цел за кибер напади.

Давателите и операторите во ваквата инфраструктура и услуги се клучни за кибер безбедноста на ЕУ, а нивната улога треба да се зајакне преку обезбедување на кибер безбедноста на нивните производи и услуги преку регулативи и стимулации, како и нивната соработка со националните кибер власти, за подобро откривање и спречување на кибер нападите, се наведува во повикот на министрите.

Со потпишаниот заеднички повик, министрите на ЕУ се обврзаа да ја одржат оперативна украинската дигитална инфраструктура и телекомуникациски мрежи преку зајакнување на кибер отпорноста на Украина со краткорочна и долгорочна помош.