Британскиот премиер Борис Џонсон денеска во Лондон го потпиша договорот за трговите односи што беше склучен со Европската унија (ЕУ), а ќе важи од 1 јануари 2021 година.

Џонсон, кој пред камери го потпиша договорот, изјави дека документот претставува „почеток на прекрасната врска меѓу Велика Британија и нејзините пријатели и партнери во ЕУ”.

Пред Џонсон, договорот денеска во Брисел го потпишаа претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Документот потоа со авион беше испратен во Лондон кај Џонсон на потпис.

Во меѓувреме, денеска договорот го одобри и Долниот дом на британскиот Парламент. За него вечерва и утре треба да се расправа и Горниот дом на парламентот, Домот на лордови, а доколку биде усвоен, потоа ќе треба да биде одобрен и од кралицата Елизабета Втора, за утре во 23 часот по локално време да стапи на сила.

ЕУ утре ќе го објави договорот во Службен весник за да може да стапи на сила од 1 јануари. Неговата примена ќе биде привремена се додека не биде ратификувана од Европскиот парламент.

Велика Британија и ЕУ на 24 декември го постигнаа договорот за идните трговски односи, по конечното разделување на двете страни поради Брегзит, за што Британците одлучија на референдумот во 2016 година.

Велика Британија се повлече од членството во ЕУ на 31 јануари годинава (Брегзит), а преодниот рок истекува на 31 декември, кога Лондон ќе ги напушти единствениот пазар на ЕУ и царинската унија.

Извор:МИА