Македонскиот селектор Благоја Милевски денеска го објави списокот на фудбалери со кои ќе тргне во новиот евоквалификациски циклус за пласман на Еуро 2024 во Германија и на него има еден дебитант, екс-младинскиот репрезентативен фудбалер за врска и капитен, Давор Здравковски од кипарски АЕЛ Лимасол и искусниот Владица Брдаровски од Шкупи.

Здравковски е најновото освежување и 12-от дебитант кој Милевски го повикува откако седна на кормилото на националниот тим во август 2021 година, а долго време актуелниот селектор не го викаше фудбалерот за врска со образложение дека „не се вклопува во актуелниот систем и дека му треба промена на средината за да напредува“.

Откако е селектор, за Македонија во ерата на Милевски дебитираа Бојан Миовски, Јани Атанасов, Тодор Тодоровски, Никола Серафимов, Доријан Бабунски, Енис Фазлагиќ, Валон Етеми, Бојан Димовски, Томче Гроздановски и Агон Елези, како и Ердал Ракип, кој повеќе не конкурира за националниот тим.

“Факт е дека дел од носителите во минатите настапи во мундијалските квалификации и Лигата на нации имаат проблеми со минутажа и настапи за своите клубови, да не зборуваме за натпреварувачката форма. Најважно е сите да се здрави и да се стават во функција на тимот. Изборот на фудбалери е тој. Не може да сметаме на Тихомир Костадинов, кој е во завршна фаза од рехабилитацијата по повредата на лигаментите, Серафимов е повреден, додека Дориев не е способен да се стави во функција на тимот, а не сметаме на Тодор Тодороски поради црвениот картон со Бугарија. Спировски и Николов се со слаба форма и слаба минутажа и не се на овој собир, што не значи дека понатаму нема да бидат повикувани“, рече Милевски.

Малта е аутсајдерот во „групата на смртта“ во која уште се европскиот првак Италија, вицепрвакот Англија и секогаш силната Украина, па Милевски посочи дека ќе направат се за успешен почеток на квалификациите, предупредувајќи дека Малта не е наивна, а и аутсајдери не постојат./Sport1.mk/