Со оглед на постојаниот раст на вредноста на биткоинот, тој е на пат да стане злато на иднината, велат инвестициските експерти. Но, балгородните метали, како златото, не се предаваат така лесно.
2020 година беше исклучително успешна за најголемата криптовалута во светот – биткоинот. Во новава 2021 година, неговиот подем продолжува незапирливо. Курсот на најстарата и најважна криптовалута денеска се зголеми за 4,4% и изнесува 41.514,50 долари (околу 33.896 долари). Во последните неколку недели, според белешката објавена во вторникот од инвестициската банка ЏП Морган, Grayscale Bitcoin Trust доби над 3 милијарди долари (2,45 милијарди евра). Златото, пак, забележа одлив од околу 7 милијарди долари.
„Конкуренцијата на биткоинот и златото веќе започна во нашиот ум“, напишаа стратезите на ЏП Морган.
„Земајќи предвид колку се големи финансиските инвестиции во злато, истиснувањето на златото како „алтернативна“ валута имплицира голема нагорна линија на биткоинот на подолг рок“, тврдат тие.
Значи, дали биткоинот е новото злато? Одговорот е комплициран, особено по зголемувањето на вредноста на златото во претходните денови. Вредноста на благородниот метал во понеделникот се искачи на над 1.900 американски долари за унца, што е највисока цена во период од речиси два месеца. Во исто време, криптовалутата продолжи да флуктуира.
Од избувнувањето на коронавирусот, владите и централните банки впумпаа милијарди евра стимулации во своите економии уништени од пандемијата. Ова ги привлече инвеститорите и кон златото и кон криптовалутата, бидејќи тие бараат инвестиции безбедни од потенцијална инфлација.