Осумдесет отсто од луѓето на Западниот Балкан веруваат, макар и делумно, во некоја од конспирациите во врска со коронавирусот, покажува испитувањето на јавното мнение во регионот
Теориите на заговор наоѓаат плодно тло на Западниот Балкан. Институциите се кревки и честопати не им се верува, а постои праисторија на конспирациите кои бликаа во текот на 90-тите години на минатиот век. И додека теориите на заговор за коронавирусот се одраз на глобалните трендови, тие на Западниот Балкан се посилно изразени, а потенцијално и деструктивни, како што покажуваат анкетите на јавното мислење во регионот спроведено од агенцијата БИЕПАГ/ИПСОС.
Во свет полн со сомневања за смртноста од коронавирусот и за неговото потекло, ширењето на конспирациите доби незапаметено внимание. Бројни теории се пласираа со појавата на коронавирусот, кои се шират брзо и широко, како и самиот вирус. Но, не се сите теории на завера исти. Некои содржат елементи на вистина или би можеле да бидат вистинити, но до денеска не се докажани, велат авторите на ова истражување.
Меѓу теориите на завери што беа истражени во рамките на ова регионално истражување на јавното мнение, најмалку неверојатна е онаа со која се тврди дека вирусот „побегнал“ од лабораториите во Вухан, односно дека вирусот постоел подолго откога тоа на јавноста ѝ стана познато и дека Кина го скрила неговото потекло. Помалку веројатно е тврдењето дека кинеската влада го направила коронавирусот во лабораторија и дека тој е вештачки дизајниран, а не е од природно потекло. Нема докази што го поддржуваат ова тврдење, додека многу укажува на тоа дека вирусот еволуирал природно.
Останатите четири раширени конспиративни теории се многу поекстремни, вклучувајќи ги и тврдењата дека вирусот го ширела фармацевтската индустрија, дека Владата на САД го направила вирусот како биолошко оружје, дека е поврзан со 5Г-технологијата и, онаа најневеројатната, дека вирусот е проширен за Бил Гејтс да може да ја чипува светската популација преку вакцината. Иако повеќето теории – освен првите две – меѓусебно се исклучуваат, вербата во нив не опаѓа.
Преземено од „Недељник“ од Белград