Нашата главна цел е, на среден рок, да го забрзаме економскиот раст од 2 до 2,5 проценти во последната деценија на 4 до 5 проценти просечен годишен раст во следните пет години. Ова ќе го постигнеме преку Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст – SmartER Growth, чиј составен дел е и Буџетот за 2021 година, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на 4. Меѓународна конференција „Како до одржлив развој“ што се одржа во организација на Универзитетот „Мајка Тереза“.

Во обраќањето, Бесими нагласи дека најважно во моментот е да се заштити здравјето на граѓаните, да се поддржи приватниот сектор и да се заштитат работните места.

Ова се приоритетите коишто се поставени со првиот столб од Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст – SmartER growth. Вториот столб од Стратегијата „Забрзан, инклузивен и одржлив економски раст“ се фокусира на добро управување, макроекономска и финансиска стабилност, локален и рамномерен регионален развој, здрава животна средина и дигитализација на економијата. Третиот столб, пак, се фокусира на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, а четвртиот столб се фокусира на инвестициите во човечки капитал“, рече Бесими, додавајќи дека со политиките и мерките што ќе се спроведат во рамки на Стратегијата ќе се постигне целта за побрз и одржлив економски раст.

На конференцијата се обрати и ректорот на Универзитетот, Азиз Положани, кој се осврна на потребата од зајакнување на човечкиот капитал како главен фактор во постигнување одржлив развој. 

Извор:МИА