Министерството за финансии, заедно со Управата за јавни приходи продолжува да работи на градење поефикасен и праведен даночен систем преку јасно дефинирани правила и приниципи, што придонесува кон подобри јавни услуги, забрзан, инклузивен и одржлив раст на нашата економија, а со тоа и позадоволни даночни обврзници.

Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на одбележувањето на Денот на даночните работници што го организира Управата за јавни приходи, а којшто претставува признание за посветеноста на даночните работници во ефикасното собирање на јавните приходи и во остварувањето на јавниот интерес кој е од исклучителна важност за државата.

-Вашата успешна работа се гледа во добрата реализација на даночните приходи, без која не може да има непречено извршување на функциите на државата. Преку собраните пари се инвестира во изградба на патишта, мостови, училишта, градинки, подобри здравствени и социјални услуги, подобро образование, рече министерот Бесими.

Министерството за финансии заедно со Управата за јавни приходи и меѓународните развојни партнери прави значаен чекор во обезбедувањето праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем кој ќе се темели на современи дигитални технологиии и иновации во оданочувањето, а е во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Донесена е  Стратегија за реформа на даночниот систем 2021-2025,, кој содржи пет приоритети за креаторите на даночната политика и органите во состав кои ги администрираат јавните приходи заедно со нивните клучни активности, резултати, одговорни субјекти и клучни индикатори за учинок. Потоа донесен е и Акцискиот план за сузбивање на сивата економија, согласно кој, интензивно се работи на реализација на активностите од истиот, а меѓу кои клучна е дигитализацијата на процесите и мерки кои ќе влијааат на зајакнување на даночната свест како и мотивирање на економските субјекти да ги реализираат своите активности во формалната економија.

Ефектите од овие мерки веќе ги гледаме преку зголемените даночни приходи оваа година. Според последнитеподатоци од почетокот на годината заклучно со 29 ноември  даночните приходи се повисоки за 19,2 % во однос на тој период 2020 година, додека споредено со тој период 2019 година се повисоки за 6,7 %.

Исто така позитивни резултати има и кај повратот на данокот на додадена вредност. Повратот се врши редовно и само во периодот јануари-ноември  2021 година остварениот повратот на ДДВ е повисок за 19,65 % во споредба со истиот период од 2020 година, односно годината пред почетокот на пандемијата во нашата земја, а и во однос на 2019 година зголемување е за 19,87 %.

На одбележувањето на Денот на даночните работници на министерот за финансии му беше доделена плакета за успешна соработка помеѓу Министерството за финансии и Управата за јавни приходи.