Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на средба со директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и проширување на Европската комисија, Михаела Матуела, и евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека се водат одржливи и конзистентни макроекономски и фискални политики.
– Спроведуваме реформи кои се дел од нашата европска агенда и истовремено се бориме со предизвиците што ги наметна кризата предизвикана од Ковид-19 и енергетската и ценовната криза. Во реализација на реформската агенда имаме значајна поддршка од нашите партнери, ЕУ и САД, и таа поддршка ја цениме, истакна Бесими.
Тој посочи дека Министерството за финансии спроведе значајна реформа во управувањето со јавните финансии, која значи промена на традиционалното буџетирање со буџетирање кое се базира на резултати.
– Клучно во спроведување на оваа реформа е донесувањето на новиот Закон за буџети, со кој се воспоставени фискални правила, што значат поголема одговорност за начинот на трошење на парите. Остануваме на определбата за фискална консолидација, како и поддршка на домашната економија, преку промена на структурата во буџетот и фокусирање на имплементација на капитални проекти, а со цел забрзан економски раст, рече Бесими.
Управувањето со јавните финансии, наведе министерот, е особено предизвик во услови на криза и дека треба адекватни и брзи реакции за да се заштити стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, а притоа да се обезбеди фискална одржливост.
Како што информира Министерството за финансии, Бесими се осврна на антикрзините мерки што Владата ги донесе за справување со ковид-кризата и енергетската и ценовната и се заблагодари на ЕУ за финансиската поддршка во тие напори.
-Во текот на 2020 година ЕУ додели грант од 40 милиони евра за справување со ковид-кризата, а сега ја очекуваме и првата транша од 72 милиони евра од најавениот грант за справување со енергетската и ценовната криза. Дополнително од ЕУ очекуваме обезбедување 100 милиони евра макрофинансиска поддршка по поволни услови, рече Бесими.
Министерството соопшти дека на средбата беше посочено за напредокот на Северна Македонија во нејзиниот евроинтеграциски и започнатиот скрининг процес и значењето на институционалните капацитети за спроведување на овој процес и зајакнување на човечкиот капитал.
– Исто така, стана збор и за Програмата за економски реформи, која ги содржи реформите на кои ќе работи Република Северна Македонија, а кои се дефинираат во рамки на Економско финансискиот дијалог со ЕК. Беше укажано дека земјата има повторно  понудено квалитетна програма, се наведува во соопштението.