Познатиот уметник Бенкси повторно се најде во центарот на вниманието. Овој пат, тој „ординирал“ во англискиот град Рединг, каде во текот на ноќта дошол до поранешниот локален затвор и го украсил неговиот ѕид. И тоа на провокативен начин. Имено, Бенкси нацртал затвореник како бега од истиот тој затвор.

Дека тој е автор на ова дело, уметникот потврди на својот инстаграм-профил, каде објави кратко видео во кое се гледа како го направил сето тоа.

Сликата го прикажува затвореникот како се лизга низ јажето направено од чаршафи, што се поврзани и закотвени со машина за пишување. Според Би-би-си, некои набљудувачи забележале сличност помеѓу затвореникот во обидот за бегство и најпознатиот затвореник од Рединг, Оскар Вајлд, кој беше осуден на две години тешка работа во овој затвор, и кој излегувањето на слобода го прослави со песната „The Ballad of Reading Gaol“.

Сликата се појави за време на кампањата – поранешниот затвор да се претвори во уметнички центар, наместо да се продаде на инвеститори. Владата го продава затворот од 2019 година.

Многумина коментираа дека Бенкси се надминал себеси.