Белгиските власти разгледуваат можност за олеснување на рестриктивните мерки откако лицата над 65 годишна возраст ќе бидат вакцинирани, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова го изјави шефот на една од регионалните влади на Белгија, Јан Јамбон, во телевизиско интервју.

Во Белгија се затворени кафулињата, рестораните и козметичките салони уште од ноември. Фризерите би требало да можат да отворат од крајот на оваа недела, но за другите се чекаат подобри времиња.

Јамбон порача дека откако сите луѓе над 65 годишна возраст ќе ја примат вакцината ќе биде побезбедно да почнат да се олеснуваат рестрикциите во земјата, бидејќи овие лица имаат најголем ризик да бидат хоспитализирани и да имаат тешки компликации.

Властите во Белгија на маса ја ставија можноста за делумно отворање на некои бизниси од први март, но само доколку статистиките се доволно поволни за такво нешто.

Процесот на вакцинација во Белгија сè уште е бавен и властите чекаат помасовни дози да пристигнат кон почетокот на март.