Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска изјави дека договор со Бугарија за набавка на електрична енергија за стопанството по пониски цени се уште нема затоа што се чека Европската комисија да ја ограничи цената на струјата за слободен пазар на 180 евра за мегаватчас.
– Утре ќе одржам уште еден онлајн состанок, но многу е важно да се оридонесе во решавање на вакви ситуации во делот на добрососедството и продлабочувањето на соработката помеѓу соседите, рече Бектеши.
Според министерот, чисто политиканство се гласините дека Македонија од Бугарија ќе купува електрична енергија по цена од околу 400 евра за мегаватчас.
– Веќе се најавени одредени мерки од страна на Европската комисија, која треба да ги реализира Бугарија како земја-членка. Нашиот потенцијален договор нема да се коси со таквите мерки. ЕУ може да носи одлука за замрзнување на цената на електрична енергија од 180 евра во наредниот период во склоп на ЕУ. Вон логика е ние да договараме цена од 400 евра за мегаватчас, рече Бектеши.