Легендарниот кошаркар Чарлс Баркли жестоко го критикуваше се новиот тренд екипите да им даваат одмор на играчите, особено на најголемите ѕвезди во НБА лигата. Баркли смета дека главниот комесар Адам Силвер сноси дел од вината и истакнува дека раководството на лигата отишло предалеку со олеснувањата на играчите.
„Луѓето работат во челичарници. Прилично сум сигурен дека и тие се уморни. Мислам дека навивачите не се лутат ако заработувате 30, 40, 50 милиони долари и играте секоја вечер. Но, не можете да заработувате 30, 40, 50 милиони долари и потоа да ги пропуштите натпреварите. Тоа покажува недостаток на почит кон играта и кон фановите кои плаќаат од своите тешко заработени пари за да ве гледаат“, рече Баркли во интервјуто со Стивен А. Смит.
„Она што е уште полудо е што по новиот договор за ТВ правата, ќе имаме играчи кои заработуваат 70 или 80 милиони годишно! Навивачите потоа ќе речат: „Чекај малку, заработуваш 70 милиони и не можеш да играш кошарка три или четири дена во неделата? Тие имаат приватни летови ги имаат најдобрите медицински тимови. Не е како да работиме во челичарница. Луѓето работат во челичарници и јас сум прилично сигурен дека и тие се уморни, но одат на работа секој ден”, додаде Баркли./Маkfax/