Американскиот претседател Џо Бајден, во својот прв говор за состојбата на нацијата, го истакна единството и моќта на демократијата како одговор на руската инвазија врз Украина, навестувајќи нови санкции против Русија додека руската армија ги засилува нападите врз украинските градови.

Во синоќешниот говор, Бајден вети дека ќе го натера рускиот претседател Владимир Путин да ја „плати цената“ за инвазијата врз Украина, настојувајќи да го обедини светот дека руските сили фрлаат бомби врз украинските градови и се спремаат за опсада на Киев, пишува Њујорк тајмс.

Во говорот на заедничката седница на двата дома на Конгресот во тешки моменти од модерната историја, Бајден повика на обединет отпор во одбрана на меѓународниот поредок кој е загрозен со руската агресија и ги предупреди олигарсите кои го поддржуваат режимот на Путин дека ќе им ги заплени приватните авиони и луксузните јахти.

Поздравувајќи го херојството на украинскиот отпор, Бајден ја претстави Оксана Маркарова, украинската амбасадорка во САД, која ѝ се придружи на првата дама Џил Бајден во ложата, носејќи мало сино-жолто украинско знаменце, и која беше поздравена со овации од пратениците од двете американски партии, од кои дел носеа сино и жолто во знак на солидарност со Украина.

Бајден најави дека им забрани на руските авиони влез во американскиот воздушен простор и објави договор со странските колеги да се пуштат вкупно 60 милиони барели нафта од стратешките резерви за да се сузбие растот на цените на горивата поради војната.

Бајден рече дека Путин и неговите помагачи не би требало да останат неказнети.

„Во нашата историја ја научивме лекцијата дека кога диктаторите не ја плаќаат цената за својата агресија, тие предизвикуваат уште повеќе хаос“, рече претседателот на САД.

Бајден рече дека Путин е „поизолиран од светот отколку што некогаш бил“ и навести нови економски санкции.

„Кога ќе биде испишана историјата на оваа ера, војната на Путин против Украина ќе ја остави Русија послаба, а остатокот од светот посилен“, рече тој.