Американскиот претседател Џо Бајден ги осуди руските ракетни напади, велејќи дека тие биле насочени кон цивили и не служат за никаква воена цел и порача дека Соединетите Држави и нивните сојузници ќе продолжат да воведуваат санкции против Москва.

„САД силно ги осудуваат денешните ракетни напади на Русија низ Украина, вклучително и Киев. Во овие напади загинаа и беа повредени цивили и уништени невоени цели. Тие уште еднаш ја демонстрираат целосната бруталност на илегалната војна на Путин против украинскиот народ“, рече Бајден во изјавата.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно во текот на денот претседаваше со состанокот на неговиот Совет за безбедност, што е невообичаена појава, бидејќи овие состаноци вообичаено се одржуваат во петок.

Во изјавата што ја пренесоа државните новински канали, тој ја обвини Украина за бомбардирање на гасоводот „Турски тек“ што минува од Русија до Турција преку Црното Море.

Путин додаде дека „ако продолжат обидите за терористички напади на територијата на Руската Федерација, одговорот ќе биде остар и пропорционален на нивото на заканите“.

Единаесет важни инфраструктурни објекти во осум различни украински региони плус главниот град Киев беа погодени во гранатирањето утринава, соопштија украинските власти.

Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ихнат изјави дека Русија лансирала 83 проектили,

Најмалку десет цивили загинаа, а 24 се ранети во руските ракетни напади врз Киев, а 83 проектили беа истрелани низ Украина./рсе/