Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека целта им е да вакцинираат 70 отсто од возрасните Американци барем со една доза против ковид-19 до 4 јули, американскиот Ден на независноста, и кажа дека владата ќе ги вакцинира децата од 12 до 15 години штом тоа биде дозволено.

Бајден, кој борбата против коронавирусот ја направи клучен приоритет на својата администрација, претходно најави дека 4 јули би можел да биде датумот за првите собирања на Американците во мали групи за да го прослават празникот и како сигнал за враќање во нормала во пандемијата.

Целта на Бајден го зема предвид новиот предизвик околу вакцинирањето, кој не е неочекуван, фактот што има многу од оние кои сè уште се двоумат околу тоа.

Американскиот претседател кажа дека неговата администрација ќе се фокусира на вакцинирањето на луѓето во руралните области, користејќи помали места бидејќи местата за масовно вакцинирање се затворени.

„Сега кога имаме резерва вакцини, фокусирани сме на тоа што повеќе Американци да увериме да се појават и да примат вакцина, која им е достапна“, им кажа Бајден на новинарите во Белата куќа, најавувајќи ја својата цел. „Ако успееме во тој напор, тогаш Американците ќе направат сериозен чекор кон враќањето во нормала“.

Целта на Бајден вклучува 160 милиони возрасни лица да бидат целосно вакцинирани до 4 јули.

Функционер на американската влада им кажа на новинарите дека 105 милиони Американци се целосно вакцинирани и дека над 56 отсто од возрасните лица во САД, односно 147 милиони луѓе, примиле барем една доза.

Администрацијата работи на придобивање на оние кои се двоумат околу вакцините, вклучувајќи ги поддржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп и помладите лица.

„Има многу млади луѓе, особено на возраст од 20-тина и 30-тина години, кои веруваат дека тоа не им треба. Затоа сакам да бидам целосно јасен: мора да се вакцинирате“, кажа Бајден.

Тој додаде и дека неговата администрација се подготвува за вакцинирање на децата на возраст од 12 до 15 години, откако тоа ќе го одобри Управата за храна и лекови (ФДА).

Засега се вакцинираат лица од 16 години и постари.