Во време кога Министерството за култура и туризам пропагира зголемување на буџетот за културата, реалноста за Албанците е сосема поинаква. Во 2025 година, Албанците ја доживуваат најтешката културна дискриминација во последните две децении. Годишната програма не е само неправедна распределба на фондовите, туку чиста државна стратегија за бришење на албанската култура од институционалната поддршка, реагира Валмир Азири од ДУИ.
Институциите што ја промовираат албанската култура, според него, се оставени на маргините и осудени на минимален буџет.
Во сите главни културни сектори, додава Азири, Албанците не успеале да добијат ниту 12% од буџетот и проектите, третирани како граѓани од втор ред во сопствената држава.
„Наместо да ја поддржи вклученоста на албанските уметници на меѓународната сцена, Министерството за култура го направи спротивното – ги елиминираше Албанците од секоја можност за промоција на нивната уметност и идентитет. 40 милиони денари за Македонците – само 3,5 милиони денари за Албанците. Ова е однапред смислен план за да бидат Албанците невидливи во меѓународната културна сцена. 320 македонски книги финансирани со 39,5 милиони денари, 60 албански книги со 6,6 милиони денари. Со овој третман, албанската литература се третира како безначаен елемент“, додава тој.
Оценува дека ова е тежок удар врз уметничкото наследство на Албанците и стратегија за ограничување на влијанието на албанската култура на националната сцена.
„152 македонски музички проекти – само 35 албански проекти, 52 милиони денари за Македонците – само 7,5 милиони денари за Албанците. Во држава каде албанската музика е една од најразвиените, ваквата распределба на средствата претставува отворен напад врз албанските уметници.
113 македонски проекти со 75 милиони денари. Само 7 албански проекти со 16,5 милиони денари.
Ова е најјасниот доказ за отворена дискриминација и директен обид за уништување на албанските културни фестивали“.
Азири подвлекува дека албанските културни институции се намерно оставени без средства, со цел финансиски да пропаднат и да бидат затворени.
Како што појаснува, оваа систематска дискриминација се случува под Влада, која целосно ја загуби способноста да ги брани интересите на Албанците.
„Ако оваа политика продолжи, албанската култура ќе продолжи да се деградира, а Албанците ќе останат маргинализирани набљудувачи во сопствената држава.
ДУИ ја подржува државната подршка на културата на сите етнички заедници но дискриминторскиот пристап има далекусежни последици“, истакнуваат од ДУИ.