Од министерството за транспорт и врски велат дека изводот од лиценца со број 22679 кој бил користен од автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија и притоа загинаа 45 патници, при излез од Македонија, е број на извод од лиценца на друго возило, со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот Беса Транс. Од министерството додаваат дека на тој начин превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и лиценца од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај. Како што кажа министерот Благој Бочварски пред два дена, автобусот што изгоре во вторникот немал извадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и овој автобус не е евидентиран во електронската база на Министерството за транспорт и врски.